Бугарски пратеник: За името стоиме поблизу до Скопје отколку до Атина

Милен Михов, потпретседател и пратеник на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов во Национално собрание на Бугарија, вели дека неговата земја за прашањето за разликата за името на Македонија стои поблиску до страната на Скопје отколку до таа на Атина.



„Верувам дека Република Македонија ќе оди по својот пат и покрај тешкотиите. Умерен оптимист сум во тој правец. Има меѓународни фактори кои не сакаат Македонија и Бугарија да бидат во еден заеднички економски, политички и безбедносен систем. Многу се силите што имаат интерес меѓу двете држави да тлее тензија и нивните граѓани да бидат раздвоени. Вклучувајќи и во Грција, политички и општествени фактори гледаат на тоа како закана за нејзините национални интереси.

За Бугарија е јасно дека треба да се постигне решение за тој спор. Но, ние попрво стоиме поблиску до страната на Скопје отколку на Атина. Бугарија не треба да биде обвинувана дека ја игра улогата на фактор што врши притисок врз Македонија. Важно е да се постигне брзо разбирање, за да се реализира патот кон еден заеднички одбранбен систем во рамките на ЕУ и на НАТО“, вели Михов во интервју за „24 часа“.

Тој не се согласува неговата земја да биде арбитар во спорот: „Бугарија не треба да биде арбитар, туку силата што ќе го поддржи постигнувањето заемно прифатливо решение. Таа треба да си ги следи сопствените интереси и да ја води Македонија по патот на интеграцијата во НАТО“.

Историчарот и доцент на Универзитет „Свети кирил и Методиј“ од Велико Трново се осврнува и на односите меѓу двете цркви.

„Бугарија и бугарската црква јасно ја застапуваат тезата дека корените на православната црква во Македонија се, всушност, корените на бугарската православна црква од епохата на средновековието. Имено, Охридска епископија е историската основа на современата црква во Македонија и наследник на Бугарска патријаршија од времето на Првото бугарско царство. Од луѓе во Македонија често сум слушал: ‘Една црква имаме, една вера’ – нешто што го изразува и мислењето на бугарските граѓани. Давањето на благодатниот оган не е само симболика меѓу двете цркви, туку и израз на разбирањето за една духовна и национална заедница“, изјави Михов.