Бугарски пратеник: Крајно време е и во Македонија да го остават Гоце Делчев да се самоопредели

Тома Биков, пратеник на ГЕРБ и заменик-претседател на Групата за пријателство меѓу Бугарија и Македонија, ги коментира фамозните искази за Гоце Делчев на некогашниот македонски министер за надворешни работи Денко Малески.



„Во Бугарија немаме потреба некој да ни кажува дека Гоце Делчев е Бугарин, бидејќи тоа сме го знаеле отсекогаш. Тоа е факт докажан со најразлични документи во кои самиот Гоце Делчев се самоопределил како Бугарин. Сметам дека е крајно време и во Македонија да му дадат можност на самиот Гоце Делчев да се самоопредели, а не некој да го определува спротивно на неговите зборови“, изјави за агенцијата Фокус членот на партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов.

„Ова историско прашање побрзо треба да биде договорено од политичарите, колку и да звучи тоа цинично. Самите историчари што учествуваат во Заедничката комисија, која треба да ги разреши овие прашања, често потпаѓаат под политичката конјунктура и динамика. Затоа, ако историчарите се концентрираат на историјата, а политичарите на политиката, би било полесно. Но, не знам дали ќе се случи тоа, зошто историјата е во длабочината на македонскиот, а и на бугарскиот идентитет. За Македонија тоа е многу покомплицирано и тешко прашање, зошто македонскиот идентитет почнува да се гради активно по 1944-1945 година. Тоа е многу краток период за да можат идентитетските пластови да слегнат. Тие сè уште не се слегнати и затоа толку чувствително реагираат на таков тип ‘откритија’ како тоа дека Гоце Делчев е етнички Бугарин и човек со етничко бугарско самосознание“, додаде Биков.