Бугарскиот портал „Оф њуз“ потсетува дека на 19 април 1941 година бугарската армија „ја окупира“ Вардарска Македонија, што не соодветствува со официјалната бугарска историја, која тоа го третира како „ослободување“.
„На денешен датум во 1941 година бугарската армија ја окупира Вардарска Македонија. Ова е во согласност со обврските на Бугарија кон земјите на Оската.
Бугарската армија ја окупира Вардарска Македонија, а на 20 април – Беломорска Тракија, што се смета за национално обединување.
По Втората светска војна на поголемиот дел од територијата на Вардарска Македонија се формира посебна сојузна република во рамките на Југославија. По стекнувањето независност во 1991 година, на нејзината територија никна независна Република Македонија“, пишува „Оф њуз“.
Порталот не објаснува зошто го нарекува окупација влезот на бугарската армија на територија што се смета за сопствена (повикувајќи се на Санстефански мировен договор од 1878 година) и на која живее ист народ (како што тврди официјалната бугарска политика), со кој потоа се случило национално обединување.




