Бугарски политолог бара вето за Србија зошто „во Скопје ни мува не зуи против Бугарија без српски благослов“

Како што беше употребено вето против Македонија за старт на преговори за членство во Европската унија, бугарскиот политолог Огњан Минчев бара Бугарија на таков начин да постапи и против Србија, наведувајќи ја како причина за проблемите со „браќата“ од југоисточната страна на границата.



„Бугарските патрЕотски јунаци се многу ‘тврди’ кога посочуваат што треба да направи малата држава РС Македонија за нејзиното европско членство. Но, тие со децении молчат пред безобразното однесување кон Бугарија на низа дрски луѓе на власт во Белград. Иако сите добро знаеме – во Скопје ни мува не зуи против Бугарија без српски (и руско-српски) благослов.

Провокациите на примитивниот српски шовинизам на власт треба да бидат ставени на место од официјална Софија – пред сè, со блокирање на процесот на евроинтеграција на Србија. Без разлика што Белград веќе целосно го блокираше овој процес со својата политика кон Косово. Очигледно е дека понижувачкиот пораз во постјугословенските војни не беше доволен за да го внесе српскиот шовинизам во реалноста на 21 век“, коментира на Фејсбук професорот по политички науки на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“.

„Погледнете каков е патот од Софија до Калотина – ‘Автопатот Европа’…. Со години… Влегуваш во Бугарија како да влегуваш во Бангладеш… Кој почитува земја и народ што не се почитуваат себеси! Ништо де, само погледнете колку сме курнази со оние србомани во Скопје! Иако сме како мачиња со нивните сајбии во Москва и во Белград“, заклучува тој.