Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, очекува до крајот на денот оставка од директорот на граничната полиција Дејан Молов откако двајца бугарски полицајци загинаа при обид да запрат автобус со мигранти кој илегално влегол во земјата.
Инцидентот се случил утрово во 5 часот при потера по автобусот со мигрантите во градот Бургас.
Возачот на автобусот кој пренесувал мигранти не застанал на два последователни контролни пункта на граничната полиција, а потоа влегол во населено место.
Полицајците се обиделе да му го попречат патот со автомобил, но тој не застанал, удрил во автомобилот, го прегазил и потоа удрил во автобуска постојка.
Двајцата полицајци во автомобилот загинале на местото на настанот.
МВР го потврди идентитетот на загинатите полицајци – еден 43-годишен со 18 години стаж и еден 31-годишен со седум години стаж.
Во автобусот патувале вкупно 47 мигранти, засега податоците се дека се од Сирија. Тие се однесени во притвор.
Во тек е порага по еден од шверцерите од автобусот.
Тој бил во автобусот, но избегал во хаосот по несреќата. Приведено е едно лице кое не е од групата мигранти. Во оваа фаза информациите се дека двајцата, заедно со бараните лица, се бегалци со хуманитарен статус.







