Костадин Филипов, долгогодишен дописник на Бугарска национална телевизија (БНТ) од Скопје, преку потсмев со новите табли на спомениците во Скопје што не издржаа ни 24 часа заклучува дека кај „братучедите“ од другата страна на границата сè е половично.
„Па, велам, пријатели, ако скокнете до Скопје и посакате да ја видите таблата на споменикот на Александар Македонски, за да откриете ‘чиј е тој’, проценете каде е најнеудобното место, длабоко наведнете се и најверојатно ќе ја видите.
За жал, на нашите ‘братучеди’ оттаму таква им е целата работа, половична и според стариот наш и нивен принцип – ако пројде“, заклучува коментаторот на БНТ во написот со наслов „Филип, Олимпија и нивниот Ацо немаат ништо заедничко со Северна Македонија“.
„Нема мистика, нема измама – од четвртокот наутро, 15 август, Филип Втори Македонски, неговата сопруга Олимпија и нивниот син Александар, викан од локалното население Ацо, немаат никаква врска со Северна Македонија. Не, не, нивните споменици среде Скопје се таму, надлежните немаат намера да ги турнат, но веќе се украсени со бакарни плочи, формат А-4, со прецизирање дека сите тројца – таткото, неговата сопруга и нивниот син се дел од античката хеленска историја и од светското културно наследство“, пишува во поднасловот на коментарот на Филипов.






