Горан Благоев, бугарски новинар кој е дел од иницијативната група за демонтирање на споменикот на советската армија во Софија, изјави дека треба да се отстрани споменикот на „окупаторската советска армија“ од центарот на Софија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Горан Благоев за БТВ апелирал дека е крајно време сите партии во Бугарија да го кажат своето мислење за спомен обележјето на окупаторската советска армија.
Според Благоев, ниту еден војник на советската армија не бил убиен во 1944 година. На нејзина територија има умрени од пијанство и рани здобиени во Романија, но нема убиени од бугарската армија. Тој, исто така, се изјасни против напишаното на споменикот дека советската армија е „ослободител“ на Бугарија, изјавувајќи дека таа влегла во земјата за да им помогне на комунистите да дојдат на власт.
Според Благоев, овој споменик не е под закрилата на меѓудржавниот договор меѓу Бугарија и Русија за заштита на воените споменици на територијата на Бугарија.
„Од април 1993 година, општинскиот совет на Софија има дозвола за демонтирање, а владата на Љубен Беров тогаш го спречи тоа“, вели Горан Благоев.







