Бугарски лаги за делото на Драган Богдановски – пишува Проф. д-р Марјан Иваноски

И БУГАРСКИ ЛАГИ ЗА ДЕЛОТО НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ



На 4 јули 2022 излезе статија под наслов „Провокаторот Драган Богдановски“ https://tribuna.mk/provokatorot-dragan-bogdanovski/ од бугарскиот научник доц. д-р Спас Ташев. Бомбастичен наслов, морам да признаам и како историчар кој ја проучува емиграцијата и Драган Богдановски се заинтересирав да прочитам зошто таков наслов.

Секој сериозен историчар и научник пишува и објавува написи на база на факти користејќи соодветни извори и литература. Прво што ми падна во очи е неговата констатација дека „Истовремено, во архивите на југословенските тајни служби категорично се вели дека тој бил нивен агент, користен за наметнување на македонизмот.“

Го прашувам почитуваниот доц. д-р Спас Ташев, кои архиви ги консултирал? Го повикувам јавно да ги цитира документите од кажаново. Јас го прегледав целото досие на Драган Богдановски водено од Службата за државна безбедност кое се состои од 10 архивски кутии и илјадници страници, таква констатација не сум видел па го замолувам дотичниот научник да ми цитира точна кутија, папка и наслов на документот каде се наоѓа истиот.

Неосновано напаѓајќи го историчарот м-р Марјан Гијовски, авторот на текстот тврди: „Белград е подготвен да се откаже од директната асимилација на населението во Македонија, но продолжува да ја води политиката на негова дебугаризација како важен елемент за геополитичко ограничување на бугарското присуство на Балканот. За остварување на оваа српска стратешка цел на Драган Богдановски му е доделена важна улога.“

Ќе го замолам авторот да ми посочи конкретни документи, стенограми, записи од највисокиот државно-партиски врв во Југославија со што ќе ја потврди оваа негова теза.

Потоа авторот тврди: „Судејќи по тоа што Богдановски покрај дијалектот го користел и литературниот бугарски јазик, може да се претпостави дека како дете бил воспитуван во бугарски патриотизам од неговиот дедо Богдан, кој бил четник на Атанас Димитров – Бабата“.

Драган Богдановски бил полиглот, брзото учење на јазици му било силна страна, а тоа не го прави помалку Македонец. Во сите негови текстови, написи и коресподенции со останатите емигранти го користел македонскиот литературен јазик, а помалку кумановскиот дијалект.

Еден дел од неговите текстовите се објавени во оригинална форма во едицијата „Мојата борба за Македонија“ и „За Трет Илинден“ па пресудете сами дали користи македонски јазик или некој друг. Воедно неговите објави во „Македонска нација“ исто така ви се достапни.

Следно: „Познавачите на овој период од неговиот живот се децидни дека тој е фатен како краде ќебиња од хостел во Белград. Тие се препознаени затоа што биле хуманитарна донација за Југославија и се обележани со вертикални линии. При ова апсење Богдановски паднал во канџите на УДБА и веќе бил скршен.“

Aко може авторот да ги посочи тие „познавачи на овој период од неговиот живот“ и јас би сакал да поразговарам со нив, ако веќе тоа тој го направил. Драган Богдановски одлежал затворска казна од 6 месеци, а не 4 месеци како што тврди авторот и тоа во затворот Бела Црква во Банат (Провери: ДАРМ, ф. 885, досие за Драган Богдановски, к. 745. папка V, Изјава дадена на 20.11.1977 година; ДАРМ, ф. 885, досие за Драган Богдановски, к. 746 папка I, Доверливо, наменето само за употреба на полицијата и судските органи, Интерпол април 1976, Богдановски Драган, Арх.бр. 419/73, Контролен број А9836). Зарем за „кражба на ќебиња“ некој би бил затворен 6 месеци и тоа во затвор каде најголем број биле политички осуденици?!?

Потоа авторот вели: „Бил испратен во Сао Паоло“ и се добива впечаток дека со приватен авион бил одведен до Бразил, но вистината е друга. Всушност веднаш по излегувањето од затвор, во април 1951 година, Богдановски решава да ја напушти Југославија, поради фактот што му било забрането да се запише на било кој друг факултет во Југославија. (ДАРМ, ф. 885, досие за Драган Богдановски, к. 744, Папка II, Ev.br. 127, Predmet: Razgovor voden so „Kozjak“ na 8.06.1977 godina, стр. 2.)

Драган Богдановски во јуни 1951 година се решил илегално да ја напушти Југославија и да премине во Грција. За таа цел, продал едно ќебе и еден килим што му го дала мајка му и со тие пари купил билет за воз до Скопје. Од таму продолжил до Неготино, преку Демир Капија до Гевгелија каде илегално ја поминал границата ноќта на 7 спрема 8 јуни 1951 година. (ДАРМ, ф. 885, досие за Драган Богдановски, к. 744, Папка II, Ev.br. 127, Predmet: Razgovor voden so „Kozjak“ na 8.06.1977 godina, стр.44)

Штом ја преминал границата од грчките војници бил забележан и бил одведен во воената касарна Поликастро каде бил задржан 5 дена. Потоа бил префрлен во Солун и во тамошната жандармерија бил задржан еден месец. Од Солун со воз бил префрлен во Атина, а оттаму со камион во емигрантскиот логор „Лаврион“, кој бил во непосредна близина на Атина. (ДАРМ, ф. 885, досие за Драган Богдановски, к. 746, папка III, Извештај бр. 1 од 9.06.1977 г., стр. 3)
Авторот вели: „Тој имал задача да се обиде да ја неутрализира групата преку организирање на првите македонски демонстрации во Јужна Америка.“ А јас прашувам каде е тој документ со дадената задача и од кого?

Во Јужна Америка, Драган Богдановски и Сандо Христов честопати се судрувале и жестоко се спротиставувале на пропагандната активност на МПО, која била водена од секретарот на МПО и одговорниот уредник на „Македонска Трибуна“ Љубен Димитров.

Додека бил иследуван во „Јасен“ тој детално кажува за неговото делување во Бразил (може да се провери во неговото досие к. 744, папка II, Ev.br. 127, Predmet: Razgovor voden so „Kozjak“ na 8.06.1977 godina). Ако бил „удбин агент“ зарем агентите би го прашувале за нешто што го знаат? Секој соработник на службите поднесува детални извештаи за завршената задача. Ако Богдановски бил соработник и добил таква „задача“ сигурно ќе беше архивирана во неговото досие водено од службите.

Потоа авторот пишува дека Богдановски бил обвинуван за кражби. Со оваа негова изјава, авторот ја потврдува старата македонска поговорка „Со свој камен по глава“. Потребите на ДООМ главно биле задоволувани од чланарини и донации. И ако Богдановски бил соработник на службите сигурно би бил добро финансиски поддржуван, но во својата оскудица, а поведен од макијавелизмот „Целта ги оправдува средствата“ тој понекогаш бил принуден на крајно непопуларни чекори. Сите средства оделе за потребите на Организацијата.

Богдановски немал свое живеалиште, ниту било каков имот на свое име. Тие непопуларни чекори не биле несвојствени за македонските борци низ историјата, како пример ќе ја посочам аферата Мис Стоун.

Потоа следува: „од Интерпол објавиле потерница по него и во 1977 година станало неопходно југословенската УДБА да го спаси.“
Драган Богдановски во секое време можеле да го уапсат, затоа што како политички антијугословенски емигрант службите на земјите каде се движел имале сознанија за неговите активности. Околу киднапирањето, нема да се кријам зад никаков „извор од Скопје, кој побара анонимност“ туку ќе го цитирам Иван Бабановски кој во тоа време работел во СДБ: „Неговото киднапирање и истрагата се изведуваа во апсолутна тајност. Јас тогаш бев началник на сектор и не смеевме да зборуваме ништо меѓу себе за целата акција за да не дознае јавноста.“. Секој сериозен научен работник нема на јавноста да ѝ презентира „информации на извор од Скопје, кој побара анонимност“, што спаѓа во доменот на шпекулативното новинарство, а никако во науката. За наводната соработка на Драган Богдановски со службите, треба да презентирате конкретни документи.
Всушност велите „Богдановски е формално осуден на 13 години затвор“. Кажете ми кој соработник на службите бил осуден на повеќе од една деценија затвор? Зарем тоа е наградата за соработката? Соработниците стануваа директори и академици, но не и затвореници.

Потоа авторот вели дека во затворот „најголем „подвиг“ му е тепањето на поетот Јован Котески“. Повторно замолувам да се цитира извор за овој податок. Богдановски ниту во затворот политички не мирувал, тој формирал групации со политичките истомисленици. (Види во досието на Богдановски к. 747, папка VI, Изјава од судениот Драган Богдановски, сега на издржување казна во КПД Идризово, 12.04.1987)

Авторот вели дека Богдановски по излегувањето од затвор „добил стан и пасош, по што бил испратен во Шведска.“ Имено, уште на 4 јуни 1987 година од страна на СДБ бил даден предлог за сместување во тој стан, кој воедно бил во сопственост на РСВР. За сето тоа добро да се камуфлира, од СДБ се обратиле на долгогодишниот пријател и соработник на Богдановски бизнисменот Гојко Јаковлески, со предлог да го финансира престојот на Богдановски во Скопје. Станот бил целосно озвучен за да се контролира секој здив на Богдановски (Види во досието на Богдановски к. 742, папка X, РСВР на СРМ, Евид. бр. 135, 16.06.1987, Скопје, Службена белешка, Предмет: мерки за оперативно покривање на ОО „Рашомон“ по неговото евентуално предвремено пуштање на слобода).
За случувањата на Северноамериканскиот континент во ноември 1991 година нема да го цитирам Богдановски (да не пренесувам само негов субјективен став) туку писмо од „Членови на Македонското друштво од Торонто-Канада“ под наслов „Ако козата лаже…“ во кое се критикуваат постапките на Љупчо Георгиевски при истоимената посета.
Па така во писмото меѓудругото се вели: „Кој му дал право на тој самонаречен лидер, нас Македонците да нè наречува и да нè дели на Македонци-Бугари, Македонци-Срби и Македонци-Грци. Ако самиот не знае што е, нека не ги навредува нашите национални чувства.“

Понатаму се пренесени прашањата поставени до него: „Тој во Торонто не можеше да одговори на нашите прашања: кој му го купил авионскиот билет до Канада, зошто не леташе со авион од Скопје, туку од Софија и на чија сметка престојуваше во Канада и во САД? Ние добро знаеме кој му ја организира посетата и кои беа неговите домаќини, а тоа се членовите на пробугарската организација МПО… Кога го запрашавме господинот Георгиевски зошто постојано е во придружба на Стојче Наумов, кога сите го знаеме дека соработува со бугарските врховисти и е предавник на македонството, тој тврдеше дека ништо не знаел за таквата активност на Наумов…“ (писмото е објавено во „Нова Македонија“ од 5 декември 1991 г.)

Потоа авторот вели дека Георги Наумов знаел „за речиси двегодишниот престој на Богдановски“ во „Јасен“. Тој престој во „Јасен“ никој не го негира. Таму Богдановски бил држен во изолација и испрашуван за неговото делување. Што е уште еден доказ дека не бил соработник на службите, во спротивно зошто би го испрашувале 18 месеци?
Конкретно прашање до доц. д-р Спас Ташев, дали сте Вие историчар? Апостол Павле нѐ предупредува „Трудете се да живеете тивко, да си ја гледате својата работа“ (Библијата: 1 Солунјаните 4:9) Паушалните искази и искривени факти не одат во прилог на афирмирање на науката туку само во прилог на деградирање на личноста која ги изнесува.

Проф. д-р Марјан Иваноски