Бугарскиот Национален круг „За Македонија“, платформа во која членуваат бугарски професори – историчари и лингвисти, оценува дека двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во историските спорови со Македонија стигна до прва победа.
Оценката уследи откако министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија вчера ги објавија усогласените препораки на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Како што е познато, станува збор за две групи препораки – за заедничко чествување на пет личности и пет препораки за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Северна Македонија, пренесува Дојче веле.
„Победа за бугарската историска наука! Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во однос на историските спорови со Северна Македонија стигна до првата победа! Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, што и тие го знаеја всушност многу добро.
Цар Самуил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-покрстител Борис-Михаил го шират нивниот збор низ Бугарското царство, Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во РСМ“, се вели во изјавата на „Националниот круг за Македонија“.







