Наум Кајчев, шеф на катедрата за историја на Византија и на балканските народи на Историски факултет при Универзитет „Свети Климент Охридски“ од Софија, предвидува сериозна задача и многу месеци работа на заедничката комисија со Македонија.
„Таа комисија ќе се исправи пред тешка задача поради тоа што досега историските наративи во југословенска Македонија, потоа и во Република Македонија, беа многу различни од тие што се општоприфатени не само кај нас, туку и во светот. Но, поважно е навистина да се постигнат трајни резултати не толку брзо временски, бидејќи нема брзи решенија, туку попрво да има трајни резултати во духот на Договорот, во духот на добрососедството и на пријателството“, изјави доцентот за Бугарско национално радио (БНР).
„Има едно созревање на јавноста во Република Македонија, како и едно разбирање дека без европеизирање, без прифаќање на постулатите на рационалното европско мислење – земјата нема да оди напред, така што неспорно е дека ќе има отпор, неспорно ќе има противречности и противници на работата на комисијата, но заедничката слика е дека европеизирањето на Република Македонија минува преку признавањето на заедничката историја што сме ја имале. Европеизацијата на Западен Балкан подразбира и нормализирање на погледот кон минатото, како од страна на Република Македонија, така и од нејзините соседи“, додава поранешниот генерален конзул на Бугарија во Битола.





