Бугарски историчар не е сигурен дека Македонците „ќе признаат оти се изум на Коминтерната“

Илија Тодев од Македонски научен институт од Софија вели дека „не е многу сигурен“ оти во Македонија ќе признаат дека македонската нација е „болшевичка измислица“.



„За Бугарија е важно дали на својот пат кон НАТО и ЕУ, а и како евентуален нивен член, Република Македонија ќе се однесува коректно кон минатото. Дали тие ќе признаат дека за македонска нација може да се зборува само од 1944 година, ќе признаат ли дека идејата за таква нација ѝ припаѓа на Коминтерната – таа е еден болшевички, комунистички изум. Ќе признаат ли дека во името на таа лажна македонска нација се извршени насилства, криминал, пролеана е крв… Не сум многу сигурен“, изјави Тодев за бугарското радио Дарик.

Оценувајќи ја како правилен чекор поддршката од Бугарија за евроинтеграцијата на Македонија, историчарот нагласува дека Бугарска академија за науки (БАН) и Институт за национална историја (ИНИ) од Скопје веќе работат на заеднички проекти и „даваат пример за тоа како досегашните разлики можат да бидат надминати“.

„Ако во Република Македонија има ребугаризација, таа ќе ги засегне најпрво сознанието и претставата за минатото, ќе се одвива бавно, во континуитет на години и поколенија“, смета Тодев.