Триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите членки на Европската Унија во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ.



Во писмото „Европа не нè разбира”, што го пренесува „mediapool.bg”, тие инсистираат на „фундаментална промена на парадигмата во историското размислување” и пишуваат дека не се согласуваат „Македонија да се претстави само како земја што нe се справува со сопственото минато”. Според нив, Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Македонија.

Потписниците на заедничкото писмо сметаат дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.

„ Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници кои не зборуваат на јазик ниту на модерна историографија ниту на современите хуманистички и општествени науки. Меморандумот не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена Европската Унија“, велат во писмото.

Околу постоењето на македонскиот јазик, велат дека тврдењата на Софија за „датумот на раѓање на една нација и јазик се научно непоткрепени и се спротивни на достигнувањата на историската наука, како и на општествените и хуманистичките науки воопшто.

За тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, велат дека е – неубедливо.