Николај Василев, бивш советник на поранешниот бугарски потпретседател Тодор Кавалџиев, смета дека со негирањето на македонскиот идентитет и јазик Бугарија им прави услуга на непријателите на Македонија и на односите Скопје – Софија.



„Независноста на Македонија отсекогаш била кауза на Бугарија. Политиката што ја водиме, во обид за негирање на современиот македонски идентитет и на современиот македонски јазик, всушност, им помага на оние кои сакаат да ја оспорат независноста на земјата и да се спротивстават на разбирањето меѓу Софија и Скопје“, изјави Василев за Блумберг ТВ Блумберг.

Според главниот уредник на порталот „Приоритети“, сé уште има многу работа за подобрување на односите меѓу Бугарија и Македонија.

„Треба да бидеме свесни за тоа што се случило во Македонија во изминатите 100 години. Македонците беа насилно откинати од бугарскиот народ и во тоа нема повод за спор. Но, во новата средина тие изградија нов национален идентитет. Не може положбата на луѓето од едната и од другата страна на границата да остане иста и да не се појават разлики во погледите“, објаснува тој.

Бугарија мора да се докаже како сојузник меѓу просечните Македонци, смета Василев.

„Треба да има многу поголема културна соработка меѓу Бугарија и Македонија, да има поголема размена на мислења и ставови. Кога зборуваме за историски и други прашања, тоа треба да се случува на пошироки форуми, на кои луѓе со различно мислење да можат да го изразат. Меѓутоа, пред сè, треба да изградиме политика на заемна доверба. Бугарија не може да учествува на форуми каде што Македонија не е присутна“, нагласува експертот, посочувајќи ја средбата на премиерите на Бугарија, Грција и Романија и на претседателот на Србија кон крајот на 2018 година во Белград.