Бугарскиот економист Красен Станчев од Клубот за Бугарско-македонско пријателство смета дека лошите односи меѓу двете земји се должат на немањето дипломатија, за што вината ја бара кај Бугарија и нејзиниот претседател Румен Радев.
„Бугарија изнесува такви барања за членство на Македонија и на Албанија во Европската унија кои не постојат како критериуми за членство. Тие не се вклучени во 1950-тите години како критериуми за членство за да се избегнат токму вакви спорови. Второ, бугарската реторика во однос на Македонија нема никаква разлика со реториката на Путин спрема Украина. Тогаш кога вие барате соседна земја да си го промени својот устав, не е лошо да помислите што ќе следува, а тоа е дека и Македонија ќе бара реципроцитет. А одлуката на Уставниот суд за забрана на партијата (ОМО „Илинден“ – н.з.) ПИРИН е сомнително, неиздржано“, изјави Станчев во дебатна емисија на БТВ.
Според него, нема ништо спорно во инсистирањето за почитувањето на човековите права, но „правата на луѓето, на пример Бугари, Албанци, Турци, Роми итн. во Македонија, ќе бидат подобро заштитени тогаш кога Македонија ќе биде дел од ЕУ“.
Станчев нагласува и дека треба да се прави разлика меѓу говор на омраза и директно негирање нација.
„Кога во Бугарија се зборува за Македонија има три ‘немања’: прво – нема таква држава, второ – нема таков јазик, трето – нема таква култура и историја. Тоа не значи дека тогаш кога јас ќе отидам во Македонија, и кој и да е друг, не може да зборува. Напротив, тоа сум го правел 30 години, половина од мојот живот. И сега се зборува дека имало јазик на омразата. Каков јазик на омразата? Тоа е реакција на тоа што го прави Бугарија. Тогаш кога ќе ја втурнете историјата во критериумите за членство во ЕУ, вие ја отворате омразата. И не е лошо да се знае дека има одредена разлика меѓу тоа да негираш дека има историја на Македонија пред 1944 година, тогаш велиш дека нема историја воопшто. И тогаш кога ќе ја направите Комисијата за историја основен критериум за разбирањето, тогаш ќе го добиете тоа што се добива во моментов. Но, има разлика меѓу јазикот на омразата и тоа што се зборува. Јазик на омразата е да кажам дека вие сте говедо“, објасни економистот како контрапункт во емисијата на искажувањата на европратеникот Андреј Ковачев, на лингвистката Ана Кочева од Бугарската академија на науките (БАН) и на Петар Колев, лидер на партијата Граѓанско-демократска унија од Македонија и деклариран Бугарин.





