Бугарски доброволец убиен во Украина во борба со Русите

Светослав Славков, доброволец од Бугарија на украинска страна, на истекот од минатата година е убиен во Украина во судир со руската војска кај Купјанск, објавија бугарските медиуми.



Тој им се придружил на украинските сили во ноември и сè уште бил на обука, но украинската команда го пратила 31-годишникот на фронтот, каде што стана првата бугарска жртва меѓу петтемина доброволци што војувале за Украина, од кои тројца се вратиле во Бугарија, а еден и понатаму е во Украина.

Телото на Славков сè уште е на бојното поле, дознава бугарскиот портал OFFNews од неговите роднини. Тој бил на првата линија од 24 декември, а на 31 декември бил испратен на мисија во одред од 20 луѓе. Во сивата зона меѓу рововите на двете страни, одредот бил нападнат од две страни од трупи на Руската Федерација.

Во престрелката што следувала загинале четворица од 20. војници на украинската армија, меѓу кои и Светослав. Местото на битката е голо поле со многу кратери од гранати и плитки дупки ископани набрзина од војници. Тој починал од прострелна рана, а не од шрапнел.

„Светљо беше опремен многу добро. Собравме 8.000 лева за да купиме најсовремена опрема за еден војник. На фотографиите тој е со дел од неа. Се надевавме дека тоа ќе му помогне да остане жив“, изјавија неговите пријатели за OFFNews, опишувајќи го Славков како антикомунист и националист.