Даниел Вачков, директор на Институт за историски истражувања при Бугарска академија на науките (БАН) и член на заедничката комисија со Македонија, во интервју за тамошниот весник „Марица“ практично ја потврдува тезата на претседателот Стево Пендаровски дека Гоце Делчев е Бугарин што се борел за автономија на Македонија.
„Ние изнесуваме многу категорични, неспорни факти во однос на бугарското потекло на Гоце Делчев. Самиот тој не еднаш вели: ‘Ние Бугарите!’. Вистина, во своите писма го користи и терминот Македонци, кој, пак, во тоа време е идентичен со терминот Бугари – го перцепираме не како национална определба, туку како географско појаснување.
Од друга страна, Гоце Делчев е поборник за автономна Македонија, што е неспорен историски факт, кој дава основа во Скопје да го прифатат како еден од основоположниците на нивната држава. Тоа само по себе не противречи на бугарскиот карактер на Делчев. Многу дејци на организацијата ВМОРО ја издигнуваат тезата дека се борат за самостојна, автономна Македонија, но зза многу од тие дејци тоа, едноставно, е етапа до следниот чекор – присоединување кон Бугарија.
Сепак, немаме официјални изјави на Гоце Делчев дека токму тоа му е конечната цел.
Така што, комплицирани се работите околу личноста на Гоце Делчев – од една страна, неговото неспорно бугарско потекло, од друга страна – неговата предаденост на идејата за слободата на Македонија, што од нашите колеги се интерпретира како форма на диференцијација, дистанцирање од Бугарија. Категорично не го прифаќаме тоа – бугарската држава отсекогаш се обидувала да ја поддржи тезата за автономна Македонија“, вели Вачков.
Бугарскиот историчар напомнува дека главна тема на претстојниот состанок на Комисијата во средината на септември во Софија ќе биде постигнувањето согласност за денот на заедничкото чествување на Делчев. Бугарската страна категорично го отфрли 7 октомври – денот на предавањето на коските на револуционерот на Скопје во 1946 година, а Вачков очекува македонските колеги да го прифатат нивниот предлог за 4 мај, денот на херојската смрт на великанот.




