Бугарски атлантски совет: Да продолжи блокадата на Скопје за ЕУ

Атлантскиот совет на Бугарија побара „одговорните бугарски државни институции да не даваат согласност за започнување преговори на РС Македонија со ЕУ“, јавува Дојче веле.



„Атлантскиот совет на Бугарија отсекогаш изјавувал дека проблемот со успорувањето на почетокот на преговори на Република с. Македонија со ЕУ е во дејствието на нејзината политичка елита и разрешувањето на проблемот е само во Скопје. Се надеваме дека македонските граѓани ќе осознаат дека патот по кој ги водат нивните политичари е тотално погрешен. Не може преку клеветење на соседна земја, преку уцени и употреба на притисок, Бугарија да биде принудена да се согласи дека Северна Македонија е подготвена да започне преговори со ЕУ“, го пренесува БГНЕС соопштението на бугарските атлантисти.

Нивниот став доаѓа по еден ден откако еврокомесарот за добрососедство и проширување, Оливер Вархеји, во Скопје порача дека „ако не биде постигнат договор меѓу Скопје и Софија, не е исклучено Македонија и Албанија да бидат разделени на патот кон ЕУ“. Ваквата реторика на еврокомесарот доби поддршка и во ставот на бугарските атлантисти.