Користејќи народна „мудрост“ за да ѝ одржи уште една историско-политичка лекција на Македонија, бугарскиот археолог Николај Овчаров со потсмев го поврза македонскиот настап на Европското првенство во фудбал со обидот да се издејствува старт на преговори со Европската унија.
„Додека ги пишувам овие редови, се потсетувам на фудбалската драма на PCM на Европското. Мавтајќи со знамиња со ѕвездата од Вергина и носејќи антички шлемови спротивно на Договорот од Преспа со Грција, нашите западни соседи тргнаа да ја освојат Европа. Но, како што вели народот: ‘Заминаа како арслани (лавови – н.з.), се вратија посрани’. Во никој случај не се злорадувам, затоа што ние Бугарите денес не сме добри во фудбалот. Сепак, нашите ‘братучеди’ нека се движат покротко по европските патишта“, пишува Овчаров во колумна за бугарскиот весник „Труд“.






