Светослав Терзиев, аналитичар и новинар на бугарскиот весник „Сега“, во својот коментар за бугарското вето за македонската евроинтеграција констатира уште во насловот дека „Премиерот ја отвори балканската Пандорина кутија“.
„Борисов толку многу се заборави што го злоупотреби правото на вето што го има Бугарија за најважните прашања во ЕУ. Тој го примени на начин што е во спротивност со основното значење на постоењето на Европската унија. Ги изнесе во преден план споровите околу историјата, без да сфати дека ЕУ се појави токму за да се стави крај на ваквите спорови во Европа и да се отвори заеднички простор за соживот на земјите, во кој нема да ги решаваат старите сметки. Ако признавањето на една или друга историска вистина беше услов за нечие членство во ЕУ, прво Франција и Германија немаше да влезат и ЕУ немаше да ја има. Нивното помирување стави точка на нивните вековни непријателства и ѝ даде шанса на европската идеја. Тоа не е ништо друго освен идеја за мирно и заемно корисно постоење врз основа на заеднички правила“, коментира Терзиев.
„Кој бил во право, а кој не? Историчарите може да продолжат да се расправаат, но ова не е дел од заемните односи на државите. Секој ден на некоја од француските телевизии одат документарни снимки на кои се гледа како германските окупатори маршираат под Триумфалната капија во Париз и како Хитлер виси од терасата на ‘Трокадеро’ спроти Ајфеловата кула. Но, никому не му паѓа на памет да се расправа повторно на кој јазик се зборува во Елзас (Алзас) и Лотарингија (Лорен) и од таа причина да ги затвори границите. Државните граници помеѓу Стразбур и Кел станаа толку бесмислени што локалниот јавен превоз ги преминува преку нив за да стигне до постојки во двете земји (со ист билет)“, додава новинарот.
„Борисов постапи како неразумната Пандора и го отворија капакот на кутијата во која Европејците мислеа дека ги затвориле сите проблеми натрупани за време на нивната бурна историја. Улогата на таква кутија ја игра европската идеја, но внатре во неа има помала, балканска. Балканот е оптоварен со историски спорови и нивното повторно разгорување ја уништува самата европска идеја. Затоа, барањето на Бугарија до РС Македонија да ја признае нејзината историска вистина пред да започне преговори за членство во ЕУ звучи зачудувачки и не добива поддршка од никого. За неколку дена, земјата падна во таква изолација што може да се нареди до Белорусија, иако, за разлика од неа, продолжува да членува во ЕУ и во Советот на Европа“, констатира аналитичарот.






