Најголемата опозициска Бугарска социјалистичка партија (БСП) преку претседателката Корнелија Нинова јавно го прашува премиерот Бојко Борисов зошто не реагира на изјавата на неговиот колега Зоран Заев дека Илинденското востание е македонско.
„Чекав неколку дена премиерот да реагира на зборовите на неговиот македонски колега Зоран Заев дека ‘Илинденското востание’ е македонско, но тој молчи и до денес. Затоа, ја преземам одговорноста да го кажам следното: моето лично пријателство со Заев, заедничките идеи и заемната соработка меѓу БСП и СДСМ, заедничката иднина на двете земји како дел од Европска унија и НАТО се многу важни и ние стоиме на нив, но историската вистина е една и не може да биде пренебрегнувана и менувана“, порача од својот профил на „Фејсбук“ лидерката на наследничката на Бугарска комунистичка партија.
Таа нагласува дека ги разбира сложената внатрешнополитичка ситуација во Република Македонија, претстојниот референдум и деликатната рамнотежа, но потенцира дека тие не треба да се решаваат за сметка на Бугарија и да не се ставаат на испит кревките основи на добрососедството, градени со труд и надеж последнава година.
„Го повикувам премиерот Борисов да се откаже од политиката на премолчана согласност со таквите изјави, бидејќи подоцна тоа може да ѝ се врати како бумеранг на Бугарија“, додава Нинова, чија партија има 80 пратеници во Народното собрание со 240 места.
Заев за 1ТВ пред неколку дена изјави дека „Илинденското востание е македонско и ако некој граѓанин на Бугарија сака, нека го чествува“.





