Бугарската фондација „Македонија“ изброи над 50 илјади Бугари во Албанија

Виктор Стојанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“, кому неодамна му беше забранет влез во Македонија, тврди дека во Албанија има повеќе од 50 илјади Бугари.



„Бугарите во Албанија се повеќе од 50 илјади луѓе, според груби проценки. Тоа се луѓе со бугарска самосвест, а не само со бугарско потекло. Затоа, од витално значење е невладините организации, како што е Фондацијата ‘Македонија’ и други слични организации, да се вклучат и да го поддржат културниот живот на Бугарите во Албанија. Нашата цел е да создадеме повеќе паралелки и училишта каде што ќе може да се изучува бугарскиот јазик. Во рок од две недели Фондацијата ‘Македонија’ официјално ќе биде регистрирана во Тирана“, изјави Стојанов за Радио Благоевград.

Нему му пречел „притисокот“ од „северномакедонските власти врз Бугарите во Албанија“.

„Ова се дел од сличните проблеми што ги имаат Бугарите во Северна Македонија и во Албанија. Бугарите во Албанија имаат и други проблеми. Меѓу нив се – да се развијат бугарските училишта таму, Бугарите да го учат бугарскиот литературен јазик на училиште, бугарската историја и бугарската литература. Проблем е што веќе 5 години немаат претставник во Комисијата за малцинства во Албанија. Ова е тековен проблем кој мора што поскоро да се реши, бидејќи само бугарското малцинство нема свој претставник во оваа Комисија“, додаде Стојанов во интервјуто.