Националистичката партија Преродба (на бугарски: Възраждане) му порача на папата Франциск дека нема да помине без реакција неговата „втората антибугарска изјава“, овој пат од Македонија.



„Откако беше кај нас и нè посоветува да ги отвориме границите и вратите за нелегалните мигранти, при неговата посета на нашиот западен сосед Франциск изјави, ни повеќе ни помалку, дека Бугарите и Македонците се две ‘совршено различни нации’, дека Македонците биле млада нација, но народ со вековни традиции, целосно различни од бугарските. Каков убав подарок за србоманите-бугарофоби во Скопје! Тие од денес ќе имаат аргумент повеќе, претендирајќи на уште еден дел од бугарската историја и опстојувајќи на својот измислен национален идентитет. Одново на бугарска сметка, се разбира. И сето тоа во моментот кога Бугарија води преговори со Македонија, а заедничката бугарско-македонска комисија заседава точно за тие прашања, обидувајќи се да докаже и да ја убеди македонската страна дека имаме заедничка историја што треба да ја одбележуваме заедно“, соопшти вонпарламентарната партија во Бугарија.

„За информација на римскиот епископ, заедничко минато и херои имаат само обединетите и монолитни народи, кои некогаш биле едно, а подоцна вештачки разделени. Се разбира, на Хорхе Берголјо како претставник на една вештачка нација – аргентинската, тешко му е да го разбере тоа и дури и да замисли дека има нации постари од 200 години, но би било добро за во иднина, кога ќе прави официјални посети некаде, да се подготви повнимателно за ваквите чувствителни прашања“, додава партијата.

Преродба за денеска најави поднесување писмо-протест до амбасадата на Ватикан во Софија, со барање за извинување од папата, „бидејќи немаме држава која тоа ќе го направи“.