Бугарска компанија од 1 јануари ќе увезува природен гас

ЕСМ Продажба соопшти дека потпишала договор со Balkan Utilities чиј гас за месец јануари ќе го продава по фиксна цена од 115,95 евра по мегават час. Фирмата дала понуда до мај догодина, со план да дава месечни понуди за цена пред почетокот на секој месец. Нема подетални информации за досегашната работа на оваа компанија и од каде ќе го доставува овој енергенс.



Овој расплет следи откако домашниот најголем трговец Макптетрол соопшти дека поради, за нив, неспроведливи нови правила за тргување, од 1 јануари нема да увезуваат и испорачуваат гас. Регулаторна ги донесе подзаконските акти, па Макпетрол се пријави на отворениот повик но од ЕСМ соопштија дека компанијата дала повисока понуда, 116,20 евра по мегават час – но не била фиксирана. Оттаму денеска преку соопштение излегоа со низа забелешки за изборот на новиот снабдувач.

„Точно е дека сумата што „Макпетрол“ ја понуди не е фиксирана, меѓутоа, проценките се дека гасот во следниот период ќе биде поевтин, што значи дека цената на македонската компанија многу веројатно ќе биде пониска од таа на бугарската. Впрочем, тоа го знае и „ЕСМ продажба“, бидејќи претходно набавуваше гас за период од 15 дена со цел да се обезбеди што подобра цена. Според последните пресметки и состојбата на пазарот со природен гас, „Макпетрол“ уште денес би понудил пониска цена за јануари од таа на бугарската компанија. „Енергетика“, како долгогодишен партнер, од „Макпетрол“ доби цена на природен гас што е пониска од таа која „ЕСМ продажба“ ја договорил со Balkan Utilities. Тука се поставува прашањето зошто овој правен субјект треба да плаќа повеќе ако веќе има обезбедено финансиски поекономична понуда“, велат од Макпетрол.

Освен за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, гасот ќе го користат и заинтересираните големи производствени капацитети. Меѓу нив и компааните од ТИРЗ зоните во Скопје, за што директорот Деспотовски соопшти дека денеска ги потпишале договорите со ЕСМ.

Измените следат по договорот кој државната ГА-МА го склучи со Булгартрансгаз, со што се зголеми капацитетот во интерконекторот со цел да се либерализира пазарот но и да се купува гас кој нема руско потекло.