Амбасадорката на Франција во Софија, Флоранс Робин, во интервју за бугарскиот весник „Сега“ уште еднаш го повтори ставот на нејзината земја содржан и во т.н. француски предлог дека без вклучување на Бугарите во македонскиот Устав нема членство за Македонија во Европската унија.



„Дадовме европски гаранции дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав ќе биде предуслов за продолжување на преговорите со Северна Македонија. Тоа е дел од т.н. француски предлог, кој практично е европски предлог и е впишан во протоколот потпишан од сите страни. Сметаме дека тоа ќе биде тежок процес, но со разбирање и со објаснување ќе внесеме спокој“, изјави Робин.

„Тоа беше тешка и сложена тема. Избравме да не ја третираме теоретски и догматски, туку навистина да ги слушнеме грижите на Бугарија и на Северна Македонија, да ги почитуваме нивната историја и култура, како и нивните црвени линии. Целта беше да го направиме максималното за да го отстраниме многу сложеното двострано прашање – она ​​за историјата и за јазикот, кои странците како нас тешко го разбираат – и да ја сведеме оваа тема во сферата на човековите права, кои се универзални, европски вредности. Така го претворивме во европско прашање. Со други зборови, да излеземе од обостраната спротивставеност за да го развиеме глобалното размислување за сите земји-членки. Така на крајот беа дадени европски гаранции истовремено на Бугарија и на Северна Македонија“, додаде француската амбасадорка во Софија, чиј тригодишен мандат истекува во средината на октомври.