Бугарите не сакаат руска вакцина

Бугарските пратеници во оставка, за време на нивната последна седница, ја отфрлија предлог-одлуката за снабдување на руската вакцина против коронавирус „Спутник V”.



Како што јави дописникот на МИА од Софија, предлогот беше поднесен од пратениците на БСП, кои инсистираа на тоа во минатиот бугарски парламент, но и тогаш не беше поддржан.

Според Бугарската социјалистичка партија, со руската вакцина ќе се спречи нарушување на утврдениот национален план за вакцинација, бидејќи, според нив, имало одложувања и нередовно доставување на веќе одобрените вакцини од ЕУ.

Претседателката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова ги повика другите пратеници на оваа тема да не бидат ниту русофили, ниту русофоби, туку да бидат бугарофили. Според неа, оваа одлука била во интерес на здравјето на бугарскиот народ.

Од ГЕРБ потсетија дека Европската агенција за лекови (ЕМА) сè уште не ја потврдила безбедноста на руската вакцина. ГЕРБ остро се спротивстави на нацрт-одлуката. (МИА)