Веднаш по потпишувањето на Преспански договор од шефот на дипломатијата Никола Димитров, Министерството за надворешни работи што го раководи објави упатство за медиумите, кое Бугарите сè повеќе го игнорираат во однос на придавката „северномакедонски“.
Според упатството, таа воопшто не треба да се употребува, но бугарскиот весник „Сега“, на пример, не го есапи Димитров уште во насловот на својот напис „Северномакедонски научници: Јазикот ни е реалност, не е форма на бугарскиот“.
Лингвистката Ана Кочева од Бугарската академија на науките (БАН) при промоцијата на книгата „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ пред неколку дена се заложи тој да се именува како „северномакедонски бугарски“.
Дури и премиерот Бојко Борисов лани го нарече Стево Пендаровски „северномакедонски претседател“ и „северномакедонски политичар“, и тоа во коментар за неговата изјава за Гоце Делчев.
„Северномакедонскиот претседател е првиот северномакедонски политичар што ги кажа нештата на правилен начин. Гоце Делчев е Бугарин кој се борел за слободата и автономијата на Македонија“, изјави Борисов пред известувачите од средбата на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Сараево.
Тогашниот премиер Зоран Заев тоа го нарече грешка што му противречи на Преспанскиот договор и дури најави протестна нота, но таа никогаш не му беше врачена на источниот сосед..





