Иако се очекуваше Србија да отвори ново поглавје од преговорите со ЕУ за слобода на движење пред летните одмори, не е постигнат потребниот консензус помеѓу земјите-членки на ЕУ, јави БГНЕС.
Агенцијата се повикува на РТС според која Бугарија, Холандија, Белгија, Данска, Шведска, Финска и Германија не дале зелено светло за отворање на поглавјето 2 од преговорите, поради одложувањата во владеењето на правото што било нотирано во извештај на Европската комисија.
Дипломатски извори, пренесува БГНЕС посочуваат дека за време на дебатата, Франција ја поддржа Србија и покрај тоа што Париз беше еден од главните градови во претходниот период што се спротивстави на проширувањето на ЕУ на Балканот.
Франција повика на посилно политичко лидерство во процесот и предупреди дека одлуката да не се отворат поглавја ќе испрати лоша порака до регионот и може да има последици за дијалогот меѓу Белград и Приштина, велат извори во Брисел.
Сепак, седумте земји-членки остануваа на ставот дека напредокот на Србија во клучните области на владеењето на правото е недоволен, пренесе БГНЕС.





