
Бугарија почна преговори со руски Газпром за склучување договор за снабдување со гас и обезбедување топлинска енергија до крајот на сезоната. „Како привремена влада сакаме да го завршиме договорот што веќе го имаме“, изјави во понеделникот вршителот на должноста премиер Галаб Донев.
Газпром на крајот на април ја прекина испораката кон Бугарија и покрај договорот што траеше до крајот на 2022 година, бидејќи тогашната прозападна влада во Софија одби да го плати гасот во рубли.
Бугарија ја нема сменето геополитичката насока, нагласи Донев, одговарајќи на обвинувањата на поранешните министри дека неговата влада сака да ја промени надворешнополитичката ориентација на членката на ЕУ и НАТО.
„Нема да преговараме со Газпром за нови договори, туку за набавка на енергија за целата грејна сезона“, објасни тој.
Бугарија треба да избере нов парламент на 2 октомври.




