По Ѓурѓовден (6 мај) ќе почне изградбата на пат долг 19 километри од бугарската страна до граничниот премин Клепало со Македонија кај Берово, соопшти во Благоевград министерот за регионален развој на Бугарија, Николај Нанков.
За овој граничен пункт локалните жители мечтаат 30 години и за две години тој конечно ќе стане стварност.
„Очекуваме до крајот на 2020 година пунктот Клепало да биде отворен и да почне да работи. Тој ќе ги поврзува општините Струмјани од Бугарија и Берово од Македонија. Рокот е сосема реален, а пунктот е неопходен, бидејќи сега на растојание од 100 км нема друг граничен премин меѓу Логодаш – Делчево и Златарево – Ново Село, а Клепало ќе биде точно на средина и ќе придонесе за развојот на туризмот и на регионот“, изјави Нанков.
Од македонска страна пунктот кај Клепало е изграден уште во 1993 година, но никогаш не е пуштен во употреба и денес е во очајна состојба поради препуштеноста на забот на времето. До пунктот е изграден и асфалтиран и пат долг 17 км од Берово.





