Македонскиот тим во Мешовитата комисија за историски и образовни прашања информираше дека бугарската страна сака да наметне нивен поглед за минатото и образовниот систем во друга држава.
Комисијата можеби ги имаше најтешките разговори до сега, велат од македонскиот тим за МИА. Од таму велат дека на дискусијата за подобрување на учебниците по историја, бугарската страна не ги прифатила предлозите на македонскиот тим.
„За жал, очигледно е отсуството на волја кај членовите на Комисијата од Република Бугарија да се дојде до решение преку кое историското образование не би било основа за политичка инструментализација често затскривана позади фразата „историска вистина“. Исто така, очигледно е дека бугарската страна го гледа овој процес како можност да го наметнат својот поглед за минатото во друга држава и образовен систем“, брифираат од македонската страна од Комисијата.
Македонската страната, како што велат, дала предлози засновани на современите разбирања за историското образование подржани од Советот на Европа и УНЕСКО во кој се уважуваат различните погледи и толкувања за минатото и кој се покажале како применливи во надминување на спорови кои произлегуваат од различното толкување на минатото.
Од бугарска страна тие предлози беа одбиени како неприфатливи и применливи.







