Бугарскиот премиер Кирил Петков кој е во работна посета на САД соопшти дека со американската страна се договорени реални испораки на течен природен гас за Бугарија по цени пониски од оние на Гаспром, кои ќе започнат во јуни, соопшти владината прес-служба.
Петков се сретна со американската потпретседателка Камала Харис. За време на разговорот во Белата куќа, двајцата разговарале за стратешкото партнерство меѓу Софија и Вашингтон и за можностите за продлабочување на соработката во интерес на двете страни.
Војната во Украина беше и важна тема на средбата меѓу Петков и Харис. Бугарскиот премиер посочи дека ова што се случува во Европа е јасен знак за потребата од забрзани и реални мерки во енергетската сфера.Потпретседателката Камала Харис и честиташе на Бугарија за нејзините решителни активности во одбраната на нејзиниот енергетски суверенитет.
Премиерот Кирил Петков претходно во Стејт департментот разговараше со државниот секретар Ентони Блинкен. Двајцата разговараа за можностите за партнерство со САД за енергетска диверзификација на Бугарија и регионот. Петков и Блинкен разговарале и за модернизацијата на бугарските вооружени сили, како и за стабилноста и развојот на Западен Балкан.







