
Од партијата предводена од бугарскиот премиер Кирил Петков денеска ги потврдија веќе познатите барања на Софија за деблокирање на евроинтегративниот процес на земјава. Ова следува по заканата на коалициските партнери дека се подготвени да ја напуштат Владата доколку се направи отстапка. Според пратеникот Петар Куленски, пишувањата на Слави Трифонов дека Петков направил договор и договорил одблокирање на стартот на преговорите до јуни, се обвинувања без никакви факти или докази.
„Позицијата на Бугарија по темата Република Северна Македонија останува непроменета. Ние се придржуваме до Договорот за добрососедство од 2017 година. Нема да правиме компромис со тоа. Единствено што беше направено е да бидат создадени редица работни групи во определени сфери, како економија, туризам и култура, каде можеме да бараме напредок меѓу двете земји“, изјави Петар Куленски – пратеник од „Продолжуваме со промената“.
Бугарската опозиција пак, инсистира претседателот на државата Румен Радев повторно да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за прашањето за Македонија, за да се потврдат ставовите на Софија. Од партијата на поранешниот премиер Борисов сметаат дека разногласието во Владата ја минира бугарската преговарачка позиција.
„Да не зборуваме воопшто пак, ако некој си дозволил да вети, а на практика да ги излаже нашите европски партнери дека има промена во бугарската позиција, а такво нешто да нема… Имајте предвид дека тоа ќе се одрази на патот на Македонија кон ЕУ… Ако такво нешто се случило тоа значи дека некој го минирал самиот процес на проширување на ЕУ, што е многу поголемо прашање од тоа дали Бугарија ќе ја пушти Македонија…“, изјави Тома Биков – пратеник од ГЕРБ




