Имаат ли Македонија и Бугарија заедничка историја?
Има ли воопшто смисла да се води дијалог или дури и да се преговара на таа тема?
Тврдам дека многу добронамерни луѓе (дипломати, политичари, интелектуалци), кога апелираат Македонија и Бугарија да ги договорат наративите со кои ќе биде дефинирана заедничката историја на двата народа, зборуваат – напразно. Да, можеби тие луѓе се водени од искрени чувства и намери спорот меѓу двете држави да се реши со некаков компромис, но јас и натаму тврдам дека тие луѓе зборуваат напразно, дека нивните флоскули не значат ништо друго освен отфрлање на нужноста да се соочиме со суштината на спорот, пишува Бранко Героски во колумна за Плусинфо и продолжува:
Секако, има начин да се докаже дека јас сум тој што зборува напразно, тој што кине зелени и шири дефетизам. Има начин, се разбира. Еве како.
Ајде малку внимание и логика, ве молам.
Ако се согласиме дека постои заедничка историја меѓу Македонците и Бугарите, сме се согласиле дека постои и посебна историја. Не може еден дел од целото да биде заеднички, без другиот дел да биде посебен. Значи, ако има заедничка, има и посебна бугарска историја и посебна македонска историја.
Ова не е тешко да се сфати, нели?
Како што е познато, Бугарија спори со Македонија – не обратно! – за историските прашања од раниот Среден век до крајот на Втората светска војна. Зборуваме, значи, за период од најмалку 13 векови, ако не и повеќе.
И еве, јас сум спремен да се согласам со тврдењето на Софија дека голем дел од нашата македонска историја е „заедничка“ и јавно да прифатам дека е „украдена“ од бугарската, но само под еден услов – некој да ми посочи барем еден дел од таа многувековна приказна, едно мало парче за кое Софија се согласува дека е автентична македонска историја, не „заедничка“ туку посебна историја на еден посебен народ, со свој посебен идентитет.
Ќе бидам уште појасен и поконкретен.
Еве, барам некој да наведе само една историска личност, од раниот Среден век до првата половина на 20 век, за која бугарските историчари и политичари се согласуваат дека е неспорен Македонец.
Барам да се наведе само една таква личност!
Или, барам да се наведе само еден историски настан за кој Бугарија се согласува дека е посебна, автентична македонска историја.
Или, барам да се посочи само една книга, само еден ракопис, за кој Софија се согласува дека е автентичен македонски.
Во таа долга, тринаесетвековна секвенца од нашата историја, мора да постои барем еден мал дел, барем еден кадар за кој и Бугарите велат – е ова е автентична македонска историја, ова е неспорно македонско и не е ниту заедничко, ниту бугарско.
Како поинаку ќе се согласиме околу нешто? Како ќе постигнеме компромис? Како ќе пронајдеме нешто навистина заедничко?
Целата колумна на следниот линк:
https://plusinfo.mk/a-ima-li-neshto-vo-nashata-istori-a-shto-bugari-a-go-priznava-za-avtentichno-makedonsko/





