Бугарија ќе привлекува фудбалски таленти од Македонија и ќе ги прави репрезентативци?!

На предлог на Професионалната фудбалска лига, Бугарскиот фудбалски сојуз (БФС) донесе одлука да дозволи поголем број странски играчи да настапуваат во домашното првенство, а главната причина за тоа е – Македонија!



„Промената е направена поради некои момчиња, кои доаѓаат од посиромашни земји, како на пример момчиња од Република Северна Македонија. Можат да бидат земени помали, да дојдат тука, да играат, да тренираат, а потоа може и да станат репрезентативци“, објасни претседателот на БФС, Борислав Михајлов.

Бугарите, кои беа четврти на Светското првенство 1994 во САД предводени од легендарниот Христо Стоичков, одамна немаат настап на големите натпреварувања – на мундијалите од 1998 година наваму, а на европските првенства од 2004 година.

Од друга страна, дебито на Македонија на ЕП минатата година и пласманот во баражот за СП во Катар годинава во фудбалските кругови кај источниот сосед се посочува како пример што треба да се следи.