Министерството за одбрана на Бугарија го покрена проектот за модернизација на армијата со набавка на 3Д радари за вкупна цена од околу 200 милиони евра, со цел да се штити и Македонија.
„Откако ќе се купат, тие ќе бидат искористени и за преземање на обезбедувањето на воздушното пространство на Северна Македонија, што е речиси договорено. Според оваа опција, Скопје може да учествува во проектот со средства, а еден радар ќе биде лоциран на македонска територија“, пишува Дир.бг, повикувајќи се на весникот „Бугарска армија“.
Се планира да се купат пет радари со далечен дострел и два со краток, а треба да ѝ бидат ставени на располагање на бугарската војска во 2023-24 година.
Веќе се водени преговори со производители од Германија, Израел и САД, од каде што е и најголемата веројатност да се набават заедно со договорените авиони Ф-16 Блок-70, кои треба да бидат ставени во функција на армијата во 2024 година.




