Бугарија ќе ѝ помага на Македонија во преговорите за членство во ЕУ

Бугарија ќе ѝ помага на Македонија во подготовката за почеток на преговорите за членство во Европска унија, како и во текот на самите преговори, се договорија денеска парламентарните комисии за европски прашања на двете земји во Софија.



„По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија гледаме една засилена размена на сите нивоа и парламентите на двете земји не заостануваат. Во рамките на денешната средба се договоривме бугарската комисија за европски прашања да ѝ даде политичка и посебно експертска поддршка на комисијата за европски прашања на македонскиот парламент. Изразивме надеж дека препораката од ЕК, издадена само пред два дена, за почеток на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ ќе биде потврдена од Советот во јуни и оти многу брзо Република Македонија ќе зачекори цврсто на патот на европската интеграција“, изјави Кристијан Вигенин, претседател на Комисија за европски прашања на Народно собрание на Бугарија.

Неговиот македонски колега Артан Груби изрази благодарност за бугарската поддршка за земјите од Југоисточна Европа и наведе истражување на јавното мислење, според кое над 75 проценти од граѓаните на Македонија го поддржуваат Договорот со Бугарија, која, смета тој, „всушност, е нашата врата за влез во ЕУ“.