Коментирајќи ги резултатите од неодамнешните парламентарни избори во Бугарија, грчкиот весник „Катимерини“ оценува дека новата власт дури и да го симне ветото за старт на преговори на Македонија со Европската унија, штетата веќе е направена.
„Сега останува да се види дали владата што ќе се појави во Софија од новиот парламент – ако земјата не се врати на гласање – ќе ја задржи истата цврста линија и ќе ја задржи тензијата со Скопје или ќе го смени теркот, делумно поради притисокот од Западот на самитот на ЕУ во јуни.
Дури и ако Софија го одблокира патот на Северна Македонија кон пристапувањето, штетата е направена. Односите меѓу двете нации се горко отруени и довербата ќе биде многу тешко да се обнови, особено во Скопје, кое негува чувство на закана од ‘злобната маќеа’, како што тие гледаат на Бугарија.
Прашањето за Македонија има корени кои се протегаат длабоко во минатото. Војни се водени, крв е пролеана, илјадници се раселија, се разбуди атмосфера на зацементиран сомнеж и на заспани националистички грешки, кои станаа нова закана за општествата; ќе треба време и напорна работа од сите за регионот (и засегнатите од ситуацијата) да свртат нов лист.
Можеби се потпишани договори меѓу различни страни, но нивното спроведување допрва ќе се одвива сериозно. И на врвот на секоја земја во таканаречениот македонски триаголник (Северна Македонија, Бугарија и Грција), сè уште има такви што се обидуваат да подигнат пречки со палење огнови дома.
Софија мавта со вето, националистите во Скопје спречуваат преименување на академијата на науки, а во Атина некои веќе се подготвуваат за битка пред ратификувањето на неколку билатерални договори.
Пред нас е многу напорна работа за да се сврти нов лист“, заклучува „Катимерини“.






