Бугарија го поддржува пристапувањето на Македонија во Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), но само со стриктно почитување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, соопшти Министерството за надворешни работи во Софија за тамошната новинска агенција БГНЕС.
„Бугарија го поддржува потпишувањето од страна на Европската унија на т.н. Договор за статусот на активностите спроведени од Фронтекс со земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија. Нацрт-договорот беше подготвен со согласност на Бугарија во 2018 година и со Одлуката 2018/1535 од 28.09.2018 година. Советот на ЕУ одобри потпишување спогодба со оваа земја (тогаш во Одлуката се споменува како поранешна југословенска Република Македонија).
До денес, Бугарија ја потврдува својата поддршка за потпишување на одобрениот нацрт-договор, под услов ажурираниот текст да не содржи клаузули што би биле во спротивност со билатералните договори меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, вклучувајќи го Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан на 1 август 2017 година.
Бугарската страна во повеќе наврати го изрази својот став за ова прашање до релевантните работни тела на ЕУ и даде соодветни конструктивни предлози што ќе овозможат брзо финализирање на процесот за склучување на договорот меѓу ЕУ и Република Северна Македонија“, стои во соопштението на бугарското МНР.
Македонската Влада уште во средината на 2018 година го усвои текстот на договорот со ЕУ за Фронтекс, со кој се регулира статусот на пограничните служби и соработката со европските погранични органи.
Фронтекс е присутен во Македонија од пред четири години како поддршка за македонските безбедносни сили по должината на јужната граница за справување со бегалската криза.






