Бугарскиот министер за одбрана Драгомир Заков соопшти дека неговата земја ја добила понудата за купување на нови 8 авиони Ф-16 од американскиот производител „Локхид Мартин“, пренесе БНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Заков, рокот за одговор на понудата е почетокот на ноември, додавајќи дека се работи за предлог за договор, и тој мора да биде проследен до Народното собрание, содржи кратки рокови па затоа во голема мера зделката ќе зависи од бугарскиот парламент – дали ќе работи или не.
Понудата, според него, по вредност е споредлива со првата од пред три години, но со многу поголем пакет на вооружување, бидејќи земјата има кредитно досие во работата со американскиот производител и ужива многу подобри услови за втората серија Ф-16.
Бугарија ќе има право да плати на рати за американските воени авиони што ќе ги нарача. Шемата допрва ќе се прецизира, категоричен беше бугарскиот воен министер.







