„Во Советот на Европа минатата недела се водеше дебата и имаше предлог од Република Бугарија да даде амандмани на Резолуцијата за малцинските прашања во Македонија. Но, верувајте ми, ниту една земја-членка на Европската Унија не даде поддршка и не застана зад Софија, соопшти денеска министерот Бујар Османи информирајќи дека тоа следувало по инцидентот во Охрид и откако беше истепан генералниот секретар на бугарскиот културен центар „Цар Борис“.



„Тоа е затоа што ние како земја веќе имаме докажано во пракса дека не постои системска дискриминација и таа системска дискриминација како формулација не влезе во Резолуцијата. Ние мора да бидеме внимателни и да се стремиме истото да се случи и со Европската Унија. Многу е лесно да ја направиме таа грешка и да ја загубиме таа битка во задржување на ставот на сите земји-членки на ЕУ“, вели министерот.

Османи вели дека индивидуални инциденти имало, има и секогаш ќе има.

Не може ниту една држава да спречи индивидуални инциденти, но прашање е како вие реагирате на тие инциденти. Јас ве уверувам дека немаше ниту една грешка на институциите од моментот кога се случи инцидентот во Охрид, во процесот на идентификување на сторителите, па сѐ до мојата посета на пациентот во болницата во Бугарија“, истакна Османи.