Поранешната германска амбасадорка во Скопје, Гудрун Штајнакер, смета дека Бугарија треба без одлагање да го крене ветото за почеток на преговори на Македонија за членство во Европската унија.



„Лично, јас сум на мислење дека Бугарија треба без никакви резерви да се согласи да започнат преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што во моментов зборуваме за почеток на преговори, а не за влез на Северна Македонија во ЕУ. Добро ни е познато дека таквите преговори можат да траат со години. Во оваа смисла не покажувам многу разбирање за блокадата што ја наметна Бугарија. Да, двете страни имаат различни ставови за многу прашања: малцинствата, јазикот, културата и, пред сè, историјата. Овие спорови се реални, тие имаат акумулирано потенцијал во текот на целата понова историја. За Бугарија тие се вкоренети во 19 век, во случајот со Северна Македонија датираат од пред околу 80 години, бидејќи пред тоа оваа земја не постоеше.

За да се смират таквите тензии, акумулирани толку години, потребно е време додека не дојде до разбирање. Или барем до заклучокот дека нема начин двете страни да се договорат за сите прашања. Ова не е единствен проблем, кој е само меѓу Бугарија и Северна Македонија. Слични конфликти постојат и на други места, на пример меѓу Словачка и Унгарија. Дури и во прекрасната Норвешка, каде што бев своевремено, имаше сè некакви несогласувања со Шведска за одредени теми. Но, таквите противречности секогаш можат да се решат на мирен и заемно прифатлив начин. Потребна е само политичка волја и се надевам дека новата влада во Софија брзо ќе ја прекине блокадата“, изјави Штајнакер за бугарската редакција на „Дојче веле“.