„Промените продолжуваат”, Бугарската социјалистичка партија(БСП), „Има таков народ” и Демократска Бугарија, денеска ќе го потпишат коалицискиот договор за формирање нова бугарска влада.
Ова ќе биде најкомплексната коалиција што ќе ја има Бугарија – четирипартиска, што се случува за првпат во последните 32 години од воведувањето на повеќепартискиот систем, по падот на комунистичкиот диктатор Тодор Живков, јавува дописникот на МИА од Софија.
До крајот на денот се очекува лидерите на четирите партии: Кирил Петков, Асен Василев, Корнелија Нинова, Слави Трифонов, Христо Иванов и Атанас Атанасов да го потпишат заедничкиот коалициски договор за новата бугарска Влада.договор за коалиција.
Премиерот на Бугарија ќе биде од партијата победник на предвремените парламентарни избори на 14 ноември „Промените продолжуваат”. Таа ќе има и двајца вицепремиери кои ќе бидат нејзини министри за финансии и ефикасно владеење. „Промените продолжуваат” ќе имаат и министри за образование, здравство, внатрешни работи, одбрана, транспорт, како и министер за раст и иновации и култура.
Партијата на Слави Трифонов „Има таков народ” ќе биде без вицепремиер, но ќе има четири министерства – за енергетика, за надворешни работи, за регионален развој и за спорт.
БСП ќе има министер за социјала, вицепремиер и министер за економија и индустрија, како и министер за земјоделство и министер за туризам.
„Демократска Бугарија” ќе раководи со министерствата за правда како и за е-влада и ќе имаат вицепремиер, кој ќе биде и министер за животна средина и води.
Претседателот на Бугарија Румен Радев идната недела ќе им го врачи мандатот за формирање на новата влада на копретседателите на „Промените продолжуваат ” Кирил Петков и Асен Василев, а тие имаат рок од една недела од моментот на добивање на мандатот да го приложат списокот со номинираните кандидати за идни министри, јави МИА







