Александар Андреев, уредник на бугарската редакција на Радио „Дојче веле“, ја коментира првата постизборна изјава на Слави Трифонов од партијата „Има таков народ“ за маж и жена Бугари и „Северномакедонец“ во вселената.
„Бугарин и Бугарка заедно со Северномакедонец во вселената. Симпатична идеја, без сомнение. На времето ‘големиот брат’ СССР на истиот начин ги развозуваше братчињата и сестричињата од социјалистичкиот блок на патешествија во орбитата околу Земјата. Сега Бугарија, како ‘голема сестра’, можела да организира иста вселенска екскурзија за Северна Македонија. Како да го оцениме ова на скалата од 0 до ‘итар политички потег’?“, прашува Андреев во коментарот насловен „Бугари и Македонец заедно во вселената? А кога и на Земјата?“.
„Не е важно дали идејата е на г-дин Станислав Трифонов или на други бугарски политичари: очигледно, целта е да се направи импресивен потег со коњот на шаховската табла на конфузните бугарско-македонски односи. Ем да се прегрнеме на небото и со тоа да ги расчистиме противречностите засекогаш, ем да му покажеме на светот дека сме конструктивни и напредни.
Да, прекрасен огномет. Но, зарем не е подобро прво да ја поправиме нашата врска на Земјата, на многу специфично парче земја што го делиме веќе со милениуми? Зарем не е подобро низ ова парче земја наместо граници да поставиме железнички линии и патишта, да изградиме заеднички индустриски паркови и туристички објекти и да го претвориме во прекрасен и просперитетен дел од ЕУ?
Празни фантазии… Во моментов Бугарите и Македонците се настрвени во невидена мерка едни против други и сакаат попрво една од двете нации да биде колку што е можно подалеку – во вселената или на Марс. Во меѓувреме, победникот на парламентарните избори продолжува да ги лаже своите избирачи со шеќерна вселенска волна“, заклучува бугарскиот новинар, преведувач и писател.





