Буџови: „Албанците се наследници на античка Македонија – Македонците се создадени врз бугарски амалгам“

„Денешниот политички македонски народ е формиран врз бугарско – словенски амалгам, а неговиот македонски јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Македонскиот народ и денешната македонска држава немаат никаква врска со античка Македонија и со античките Македонци. Македонија се јавува како историско име на Албанците. Албанците се легитимни наследници на античка Македонија и на нејзината цивилизација. Албанците се присутни уште од антиката на овие простори, на кои денес се наоѓа македонската држава.“ – овие тврдења во својата книга под наслов „Античка Македонија од антиката до нашето време“ ги изнесува Јусуф Буџови, кој се означува како „еден од најугледните косовско – албански историчари“. Тој е и писател, публицист и политички активист повеќе децении. Оваа книга, со претензии дека објавува „неоспорни историски вистини и аргументи“, беше претставена во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје. Книгата е објавена од страна на еден издавач од САД и од една издавачка куќа од Приштина, Косово.



Инаку, во статија под наслов „Историски и етнички Македонија е дел од албанскиот свет од антиката до нашето време“, објавена во информативниот портал“ „Земра шќиптаре“ („Албанско срце“) на 9.2.2021 година Јусуф Буџови ги изнесе оние делови од оваа своја книга, кои се однесуваат директно на Македонците и денешна Република Македонија.

Во таа статија Буџови ги пренесува деловите од својата книга за античка Македонија: „Античка Македонија, едно од најпознатите кралства во времињата, и Македонија како политичка држава создадена на крајот на 20.век, се надвор од секаква историска референца. Нив ги поврзува само присутноста на Албанците, кои се, историски, наследници на античките Македонци како дел на пелазго – илирскиот свет. Од овој аспект, Македонија се јавува како историско име на Албанците, исто како и Епир, Дарданија и Илирското кралство. Овој став ги крши досегашните стереотипи дека античка Македонија и Македонците биле дел на античка Грција, односно, оти биле Грци. ‘Македонија од антиката до наше време’ не случајно се занимава со разбивање на овие табуа.“

По Елена Коцаќи, професорка по филологија и историчар од Универзитетот „Александар Мојсиу“ од Драч, Албанија, која пред неколку дена во своја колумна, пренесена од медиумите на албански јазик во Македонија, тврдеше дека „Албанците се вистинските Македонци’, целосно негирајќи го постоењето на македонскиот јазик и на неговата етнојазична засебност, Јусуф Буџови се огласува сега повторно со слични, или идентични ставови за „илирско – албанското потекло на македонската нација“ и оти „Албанците се наследници на античка Македонија“: „Политичкиот македонски народ е формиран врз бугарско – словенски амалгам. Славомакедонското население, отцепено како дел на Дарданското кралство, никогаш не било дел на античка Македонија. Историски факт е дека Албанците се легитимни наследници на античка Македонија и на нејзината цивилизација. Трагите на античка Македонија се појавуваат и се чуваат во албанската култура.“

„Скопје е историската престолнина – главниот град на Албанците. Аргументите докажуваат дека Албанците се присутни уште од антиката на овие простори, на кои денес се наоѓа македонската држава. Оваа реалност не може да се игнорира, а уште помалку може да се урне насилно.“

„По создавањето на Македонија како република во рамки на југословенската федерација на Тито беше потребно да се создадат и политичкиот македонски народ како и македонскиот јазик со кирилска азбука (на Вук Караџиќ), иако од филолошки аспект тој јазик ги зачувува карактеристиките како дијалект на бугарскиот јазик.“

Одговорот на дилемата зошто зачестено се објавуваат колумни за „албанската вистина за Македонија“ можеби се наоѓа и во следниве натамошни делови од споменатата книга на авторот Буџови за античка Македонија, во кои тој антиката ја поврзува со политичко – територијалната автономија на Албанците и замислената „Република Илирида“: „Во учебниците во с.Македонија се искривува историјата на Албанците и тие се претставуваат како ‘дојденци’ и ‘освојувачи’ на Македонија за време на Османското царство. Овој дискурс не е случаен ниту денес и тој е дел од кампањата организирана од македонските академици и од македонската политичка класа, за да и се наметне на Албанците статусот на малцинство.“

„За ова најголемата одговорност и вина ги имаат албанските политичари, кои од 1991 година кога Македонија беше прогласена како независна држава не ги следеа одлуките на референдумот од 1992 година и за нивно оживување, туку од причини за власт, ја прифатија улогата на вазал. Прифаќањето на вазалската улога се одрази врз ‘Охридскиот договор’, кога беше обезвреднета оружената борба на УЧК за уставна рамноправност, како и врз ‘Преспанскиот договор’ кога се откажа од дефинирањето на албанскиот народ како државотворен.“ – тврди Јусуф Буџови во „Античка Македонија од антиката до нашето време“.

Инаку, референдумот од 1992 година, кој го споменува овој историчар, е оној референдум за остварување политичко – територијална автономија на Албанците во западниот дел на Република Македонија и потоа за прогласување „Република Илирида“.