Буџетските расходи растат како никогаш до сега, но зошто не и капиталните инвестиции?!

Буџетот на Македонија во последните 15 години речиси тројно се зголеми. Во 2009 година тогашната Влада на Никола Груевски го проектирала државниот буџет на 2.2 милијарди евра, за сега државната каса да тежи над 5 милијарди евра, анализира Фактор. Во услови на рекордни државни буџети и слаба реализација на капиталните проекти, се поставува прашањето за што всушност се трошат парите кои државата ги собира од давачките на граѓаните и компаниите.



За првпат државата собра над 3 милијарди евра во 2016 година, всушност кога беше и последната година на власт на ВМРО-ДПМНЕ. По раситнувањето на „тројката“, во период од само неколку години владите предводени од СДСМ креираа буџети вредни по 4 и по 5 милијарди евра годишно, и само прашање на време е кога државниот буџет ќе достигне 6 милијарди евра за трошоци и расходи со кои ќе располага власта.

Потфрлаат капиталните расходи, а растат расходите за плати на функционери

Речиси секоја година Владата се фали со износот на капиталните инвестиции кој планира да го потроши во проектираниот буџет, но речиси секогаш се покажува дека реализацијата на планираните капитални расходи не надминува 80 отсто. Исто така со ребалансите на буџетот кои се случуваат како по правило барем еднаш годишно „први на удар“ се токму капиталните расходи, па така од првичната проекција нивниот износ значително се намалува.

Едноставно кажано добар дел од буџетот се користи за социјални трансфери и плати на функционери, како и на државната администрација, додека во развојни проекти се вложува речиси незначителна сума споредено со целиот потенцијал. Повеќе на порталот Фактор.