Власта, Буџетот за догодина го најави како развоен и од интерес на граѓаните и стопанството, но од тоа нема ништо, од како потоа ќе следува неколку кратно намалување на капиталните инвестиции, нови задолжувања, непродуктивни трошења, дополнителни измислени давачки за фирмите а се помалку поддршка за бизнисот – Ова е првичната оценка на Сојузот на стопански комори за Буџетот за 2024 година кој вчера го претстави Владата. Потпретседателот на ова бизнис здружение Орце Симов за телевизија 24 вели дека наместо купување на социјален мир, властите со забрзано темпо да носат законски решенија кои креираат подобра клима за развој на стопанството.
„Проблемот е тоа што секоја година во ноември или декември предвидуваме капитални инвестиции буџет, развоен буџет итн, а потоа во идната година повеќе пати се прават ребаланси на буџетот на тој буџет и се кратат средствата на тој буџет за капиталните инвестиции кои претходно се планирале. Така беше и за 2023та, лани овој период се најавуваше развоен буџет големи капитални инвестиции системска помош на стопанството, а во септември бевме сведоци дека 290 милиони евра се пренасочија од капитални инвестиции во социјални трансфери, плати и пензии.“ – вели Орце Симов потпретседател на ССК.
Синдикатот УПОЗ пак е разочаран дека властите не само што не обезбедија повисоки плати за администрацијата во обвинителствата за идната година, туку во опасност се доведува и целиот јавен сектор поради кршење на правилата на гранскиот колективниот договор кој предвидува задолжително присуство на синдикатот кога се подготвува буџетот за следната година.
„Да не може да се предвиди нешто повеќе за да се задоволат барањата на вработените во обвинителството е навистина несериозно. И оваа влада мислам дека не знам кај тера и незнам кај ќе дотера со ваквите политики. Уште ако се случи тоа што се најавува, дека ќе се тргне минималната плата од законите, а тоа значи кога ќе рипне минималната плата во март месец нема да добие ниту еден вработен усогласување ќе биде уште поголемо незадоволството.“ – вели Трпе Деаноски претседател на УПОЗ.
Владата очекува идната година економијата да заздрави од неколку годишната криза и прогнозира раст на БДП од 3,4 отсто. Но, толкави оптимисти не се експертите од меѓународните финансиски институции. Од Светска Банка очекуваат македонската економија догодина да испорача раст од 2,8 отсто, а пак од ММФ проектираат раст на економијата од три отсто за 2024 година.
Во однос на инфлацијата, владата очекува дека догодина таа ќе се намали на 3,6 отсто, но и натаму постојат одредени ризици за зголемување на трошоците на живот на граѓаните. Инаку, владата догодина планира да потроши пет и пол милијарди евра, но да собере нешто над пет милијарди евра. За реализација на проектите на владата предвидени за догодина од самиот старт недостасуваат 500 милиони евра.

Извор :
https://24.mk/details/ocenki-na-biznismenite-i-sindikatite-za-budzetot-2024-godina





