„Славната“ констатација на Велија Рамковски дека „новинарството се претера“ без двоумење може да се употреби и за Владо Бучковски. Специјалниот претставник на Владата за Бугарија со последните медиумски излети не да „се претера“, туку…
Прво и основно, со кое право си дозволува јавно да споделува сопствен категоричен став дека со Бугарија „дефинитивно имаме заедничка, а не споделена историја“? Нели тоа е работа на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања? Како професор по римско право, тој не е компетентен, а како политичар ниту повикан да суди за прашање од научен карактер, кое се покажа и како камен на сопнување меѓу македонскиот и бугарскиот дел од комисијата.
Второ, кој е Бучковски да најавува промени во учебниците по историја, географија, па дури и по литература? Со тоа повторно се меша во работата на членовите на комисијата, наместо да си ја гледа својата. Ако беше експерт за некоја од трите науки, сетики ќе го ангажираа во такво својство, а не како посредник со Владата во Софија. Вака, делува како „лево сметало“.
Трето, кој да му верува на човек што по секоја логика треба да „навива“ за Македонија, која и му плаќа по илјада евра месечно плус трошоците за „расходките“ до Бугарија и назад, или барем да се труди да изгледа неутрален, наместо да ги критикува своите? Универзитетите и академиците правеле штети, ќе заклучи тој, додавајќи дека „во Македонија се бориме со тие провокации“?! Македонската страна, според него, требала повеќе да поработи и на говорот на омраза!
Последно, но не и најмалку важно, напротив – што правиме со кредибилитетот на Бучковски за воопшто некому да држи лекции додека го претставува? Зарем не беше токму тој осуден на три години затвор за фамозната набавка на тенковски делови со која државниот буџет бил оштетен за 2,5 милиони евра, за делото против него на чудесен начин да застари? Секоја сличност со неговиот налогодавач Зоран Заев, кој исто така требаше да лежи затвор за „Глобал“, но експретседателот Црвенковски го помилува, не ќе да е случајна.
Кога сме веќе кај етиката, со кое морално право некогашниот премиер воопшто се нафатил да ги застапува интересите на народот од кој спасуваше жива глава во Струга во 2004 година, кога со девизата „некои прашања не заслужуваат одговор“ практично го минираше референдумот за новата територијална организација на државата?
Многумина сонародници ден-денес му забележуваат и за повиците „да му дадеме уште една шанса на мирот“ по Вејце, Карпалак, Љуботенски Бачила, Арачиново во воениот конфликт од 2001 година. Наместо, според нивниот резон, како секој министер за одбрана, токму тој да бара употреба на сила, а некој друг во Владата да смирува.
И сега од лик со сиот овој багаж, еден од очигледно најнепопуларните кај мнозинството Македонци, тие треба да очекуваат и да се надеваат дека ќе стори нешто за нив во натегањето со Бугарија?! Ма, дај…





