Поранешниот премиер Владо Бучковски го посочува Преспанскиот договор како модел за потпишување „дополнителен протокол“ меѓу Скопје и Софија за симнување на бугарското вето за почеток на преговори на Македонија за членство во Европската унија.



„Ние Македонците имаме искуство со Договорот од Преспа со Грција, треба да погледнеме како изгледа, бидејќи мислам дека може да биде модел за дополнителен протокол што треба да го склучат Софија и Скопје. Првиот услов мора да биде отпочнување на процедурата за измена на Уставот. Од друга страна, очекувањата се дека ќе се укине бугарското вето. Со укинувањето на ветото нема да станеме членки на ЕУ. Шест до десет години ќе имаме можност да го спроведеме договорот што евентуално би се постигнал за четирите други бугарски барања. Ова за мене не е спорно. Спорно е само дали нашата страна ќе го исполни тоа што го очекува Софија. Од друга страна, Софија мора да биде подготвена да го обезбеди она што најмногу се очекува од нас – крај на ветото.

Во Скопје ни е јасно дека атмосферата е неповолна, дека јавното мислење во Софија не го создава едноставно БСП или ИТН, туку преовладува негативниот став на мнозинството бугарски граѓани против безусловното укинување на ветото. Но, да видиме какви се условите и што може рационално да се направи. Да почнеме прво процедура за промена на Уставот. Конечно, да се поттикнат мерки на двете страни за борба против говорот на омраза. Второ, дали двете влади се подготвени да ги усогласат веќе постигнатите договори во Мешовитиот комитет за историски и образовни прашања за петте неспорни личности за сите три историски периоди. И на тој начин започнува процесот на усогласување на учебниците во двете земји. Ајде да видиме дали овие две задачи не можат да се завршат што е можно поскоро.

Трето, да се зајакне она што Бугарија го сака како дел од договорот – немешање во нејзините внатрешни работи и барање да се најде формулација за да нема стравувања дека Република Северна Македонија ги стимулира или ги финансира активностите на здруженијата кои декларираат македонска етничка припадност. Од друга страна, мора да се почитува природата на бугарскиот устав, а кога станува збор за правата на бугарските граѓани од македонско етничко потекло да се побрза со случаите пред Европскиот суд за човекови права, во кои тие сакаат да имаат право на здружување. Право на создавање културни клубови каде што ќе се зачуваат нивните традиции, што не преминува во политичко организирање и нема да противречи на вашиот устав.

Мислам дека со овие два корпуса услови имаме добри шанси да дојдеме до текст кој би можел синхронизирано да се толкува од двата парламента. Протоколот на договорот мора да биде одобрен и во нашиот парламент, и во бугарскиот, за да важи“, изјави за бугарски „Капитал“ бившиот специјален владин претставник за спорот со Бугарија.