Ахмад Магомедов ѝ го донесе првиот медал на Македонија на Европското првенство во борење во Загреб, освојувајќи бронза во слободен стил во категоријата до 79 килограми.
На стартот 28-годишниот македонски репрезентативец славеше со 8-0 против Станислав Новак од Молдавија, во четвртфиналето загуби со 5-3 од бранителот на европската круна Јоргос Кујумѕидис од Грција, кој потоа стигна до сребрениот медал, па Магомедов доби шанса во репасажот. Таму прво со технички туш го елиминира Габриел Иглесијас од Шпанија, а во борбата за бронзениот медал го победи Арман Авагјан од Ерменија со 7-4.
Можност да се бори за медал ќе има и Расул Шапиев во категоријата до 74 кг, каде што по стартниот пораз од 5-0 против подоцнежниот финалист Тајмураз Салказанов од Словачка, денеска во репасажот за противник ќе го има Ерменецот Храир Алиханјан.






