Турскиот претседател Реџеп Ердоган објави дека бројот на жртвите од земјотресите што се случија на почетокот на февруари во југоисточна Турција надмина 46 илјади загинати.
„Бројот на жртвите од земјотресите во југоисточниот дел на Турција достигна 46.104 лица“, ја цитира агенцијата „Анадолија“ неговата изјава.
Според Ердоган, планирано е да се изградат 488.000 нови куќи во подрачјата погодени од земјотресот.
Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Турција ноќта на 6 февруари, по што следеше серија последователни потреси, од кои еден беше со јачина од 7,6 степени.
Многумина го обвинија претседателот Ердоган за големото уништување предизвикано и од лошата градба.
И покрај катастрофата, претседателските избори според планираното ќе се одржат на 14 мај. Не е јасно како ќе се организираат во најпогодените подрачја.






